Ракот на мочниот меур е болест при која клетките кои го обложуваат мочниот меур ја губат способноста за регулирање на сопствениот раст и почнуваат да се делат без контрола. Овој неконтролиран раст резултира со маса од клетки кои формираат тумор.
Опис
Ракот на мочниот меур го напаѓа мочниот меур – шуплив мускулен орган кој ја складира урината од бубрезите се до нејзината екскреција од телото. Ракот на мочниот меур е на трето место по зачестеност на појава во Македонија, а појавата на нови случаи е во пораст. Во Македонија инциденцата односно бројот на новозаболени од рак на мочниот меур изнесува 370 случаи на 100 000 население. Бројот на смртните случаи изнесува 120 на 100 000 население.
Меѓутоа како резлтат на подобрени дијагностички процедури и третман, инциденцата на смртни случаи се намалува. Болеста е околу три пати почеста кај мажи одколку кај жени, а ризикот за појава се зголемува со возраста. Најголем број на дијагностицирани пациенти се во својата шеесета година.
Причини
Пушењето се смета за најголем ризик фактор за развој на рак на мочниот меур. Ризикот најверојатно се јавува поради канцерогените супстанции кои се наоѓаат во тутунот а се сретнуваат во урината со што стануваат концентрирани во мочниот меур до екскреција. Други хемикалии како што се анилински бои, бета-нафтиламин, бензадински соли и мешавина од ароматски хидрокарбонати исто така се сметаат како можни ризик фактори. Овии хемикалии се користат во гумената, кожната, текстилната, хемиската, пластична, дрвена и многу други индустрии. Може да поминат и 50 години од првичната експозиција на некој ризик фактор до развојот на рак на мочниот меур.
Одредени испитувања покажале дека хормонската терапија, која се користи најчесто кај многу постменупаузални жени, го зголемува ризикот од појава на канцер.
Чести уринарни инфекции, камења во бубрезите и мочниот меур, како и други состојби кои предизвикуваат долготрајна иритација на мочниот меур може да го зголемат ризикот за појава на канцер на истиот.
Ако имаме историја за претходна појава на рак на мочниот меур има големи шанси за негова повторна појава.
Симптоми
Еден од првите знаци на предупредување за можно постоење на рак на мочниот меур е крв во урината. Понекогаш има доволно крв во урината за да дојде до промена на нејзината боја од жолта во жолто-црвена или темно црвена. Меѓутоа најчесто во раните фази на болеста нема приметливи симптоми. Промени во фунцијата на мочниот меур, како зголемена фрекфенција на уринирање, печење-болки при уринирање, како неможност за контрола на итноста за уринирање претставуваат симптоми на ракот на мочниот меур. Меѓутоа тие може да бидат и симптоми за постоње на некоја помалку сериозна болест на уринарниот тракт и простата.
Дијагноза
Првиот чекор од страна на лекарот е да се земе комплетна анамнеза за да се утврди постоењето на ризик фактори. Потоа на ред е детален физички преглед за да се проценат сите знаци и симптоми.
Се прави лабораториско тестирање на урина за да се исклучи постоњето на бактериска инфекција. Потоа се прават поконцизни тестови за да се потврди дијагнозата. Интравенозен пиелограм претставува рентгенски преглед кој се изведува откако контрасно средство ќе се инјектира во крвотокот. Со тоа јасно можат да се видат контурите на бубрезите, уретерите, мочниот меур и уретрата со што лесно може да се детектираат абнормалности во нивната форма и структура.
Во процедура која е позната како цистоскопија, мало осветлено цевче се внесува во мочниот меур. Ако при оваа процедура се детектира некое туѓо тело (маса) мал дел од ткивото може да се одстрани со користење на форцепс за биопсија. Потоа истото ткиво се проверува микроскопски за да се потврди или исклучи постоењето на рак.
Рентген тестови, компјутерска томографија и магнетна резонанца исто така може да се искористат за да се утврди дали ракот се проширил во други органи.
Терапија
Терапијата на ракот на мочниот меур зависи од степенот на развој на истиот. Стандардните методи за терапија се хируршко одстранување, имунотерапија, радијациона и хемотерапија.
Хируршкото одстранување се зема како опција само доколку ракот е во рана фаза на развој. Ако туморот е мал и се нема проширено во внатрешните слоеви на мочниот меур, операцијата може да се изведе без да се отвора абдоменот. Се поставува цистоскоп преку уретрата до мочниот меур и туморот се одстранува преку него. Ласерски зрак со голема енергија или некој друг инструмент за каутеризација преку цистоскопот може да се искористи за да се одстранат некои заостанати клетки од ракот доколку ги има.
Ако ракот прогредирал длабоко во сите слоеви на мочниот меур, операцијата ќе се изведе преку инцизија во абдоменот. Дел или цел мочен меур како и околните органи –простатата или утерусот, јајниците, јацеводите исто така може да бидат одстранети. Доколку се одстрани целиот мочен меур мора да се направи алтернативно место каде ќе се складира урината пред да се екскретира. За да се изведе ова уретерите се поврзуваат со хируршки направен отвор во кожата наречен стома. Оваа процедура се нарекува уростомија. Исто така постои процедура со која може да се направи нов мочен меур со користење на дел од цревата на пациентот.
Радијационата терапија користи зраци со висока енергија за уништување на клетките на ракот. Најчесто се користи после хируршки зафат за да се уништат клетките на ракот кои не биле отстранети хируршки. Исто така доколку туморот е многу голем или се наоѓа на место кое е хируршки недостапно радијационата терапија може да се искористи за да се намали ракот и да го направи подостапен пред операција. Радијационата терапија во комбинација со хемотерапијата се користи наместо хируршки зафат. Исто така ги намалува болките, крварењето и блокадите кои се јавуваат кај напредни стадиуми на канцер.
Хемотерапијата користи лекарства за да ги уништи клетките на ракот. Најчесто комбинација од повеќе лекови е поефективна отколку само еден лек во терапијата на рак на мочниот меур. Медикаментите се даваат или интравенски или перорално. Дел од медикаментите може да се вбризгаат директно во мочниот меур при третман на површински канцери. Хемотерапијата може да служи како адјувантна терапија кај пациенти после хируршко одстранување на рак на мочниот меур. Испитувањата покажале значајно подобри резултати кај пациенти кои примале хемотерапија после хируршки третман одколку кај оние кои не биле подложени на хемотерапија. Воглавно пациентите кои примале хемотерапија после операција живееле во просек 2 години повеќе од пациентите кои не примале хомотерапија после хируршкиот третман.
Имунотерапијата или биолошката терапија го користи имунолошкиот систем на организмот во борбата против ракот. Во случаи со рана фаза на развој на ракот на мочниот меур, бацилот Calmette-Guerin (BCG), ослабена форма на бацилот на туберкулоза може да се инјектира директно во мочниот меур. Организмот на ова реагира со имунолошки одговор за да ја совлада туберкулозата а при тоа ги уништува и клетките на ракот. Оваа терапија се покажала доста ефективна во третман на површински ракови на мочниот меур. Нови третмани постојано се испитуваат. Научниците имаат голем напредок во генетското мапирање како можен начин за третман.
Очекувани резултати
Ако ракот се открие во рана фаза на развој и е ограничен на внатрешната обвивка на мочниот меур, најчесто прогнозата е добро. Најголем дел од детектираните случаи се најчесто во оваа фаза. Повеќе од 90% од пациентите преживуваат пет години и повеќе по првичната дијагноза. Доколку болеста се има проширено на околното ткиво процентот на преживување опаѓа на 49%, а доколку има метастазирано во одалечени органи само околу 6% од пацентите преживуваат пет години или повеќе. Ракот на мочниот меур има висок степен на рекуренција. Дири и откако ракот ќе биде целоно одстранет големи се шансите за развој на нов тумор. Затоа сите пациенти кои имале рак на мочниот меур треба да имаат чести и детални прегледи.
Превенција
Сите оние кои имаат историја за постоење на рак на мочниот меур, биле изложени на канцерогени хемикалии или пак имале состојби на долготрајни и рекурентни иритации на мочниот меур треба да бидат подложни на редовни скриниг тестови за рак на мочниот меур. Со ова ќе се помогне во рано откривање на болеста и соодветен третман. Избегнувањето на ризик факторите, како што се цигарите, е најдобро решение. Исто така треба да се превземат потребните мерки на претпазливост доколку се работи со хемикалии кои се сметаат за ризик фактор за појава на канцер. Жените би требало да разговараат со своите лекари за бенефитите и ризиците од хормонската терапија. Бидејќи иритацијата на мочниот меур може да доведе до појава на рак, здравјето на истиот мора внимателно да се одржува.
Кофеинот кој се наоѓа во кафето, чајот и други производи исто така се смета како ризик фактор и треба да се избегнува. Многу е важно постојано да се пијат течности со што се овозможува полесна екскреција на токсините од уринарниот тракт. Најмалу шест до осум чаши вода како и чаеви и сокови од природно овошје и зелечук треба да се консумираат секојдневно.